Нула отпад општини во Македонија

Ива Апостолска од Асоцијација за чиста животна средина „Ајде Македонија“ ја презентираше идејата „Нула отпад општини во Македонија“. „Нула отпад е филозофија, стратегија и група практични алатки кои се насочени кон елиминација на отпадот, а не кон неговото менаџирање“, рече Апостолска. Таа истакна дека во Македонија, 99% од комуналниот отпад завршува и скапува на депонија, а од вкупно 54 општински депонии, само Дрисла, делумно работи согласно стандардите утврдени со Законот за управување со отпад.

Апостолска наведе 10 клучни стратешки чекори за една општина да биде „Општина нула отпад“, тоа се: селекција на отпадот; подигнување на отпадот од врата на врата; компостирање; рециклирање; мерки за намалување на отпадот; реупотреба (поправка и деконструкција); економски стимулации за намалување на отпадот; селекција на мешаниот отпад и центар за истражување; подобрување на индустрискиот дизајн и привремено депонирање.

„Не ни се потребни мега депонии и согорувачи“, рече Апостолска на крајот на презентацијата, „постои подобра алтернатива а тоа е стратегијата Нула отпад која е подобра за нашето здравје, за нашата економија и за нашата планета“.