Почитувани,

Ајде Македонија е Асоцијација основана со цел да се придонесе за здрава животна средина во Македонија. Нејзината мисија е да обезбеди одржливи решенија за управување со отпад во Македонија, преку едукација и активизам.

Наши главни цели на дејствување се:

  • развивање на свеста на населението за современото управување со отпад и потребата да ја превземат одговорноста како загадувачи и активно да се вклучат преку соодветни активности  на локално ниво
  • развивање на сеопфатна база на податоци за локациите, видот и количеството на отпад преку организирано и синхронизирано мапирање
  • зајакнување на капацитетите на локалните заедници во сферата на управувањето со отпадот
  • формирање на одржливи мрежи на општествени чинители (институции, граѓани и невладин сектор) што ќе делуваат на натамошно спречување на настанување на нелегални и диви депонии.

Како вашата организација може да ја поддржи акцијата ?

Намерата е да се поттикне активирање на јавноста на Република Македонија за лоцирање и чистење на расфрланиот комунален отпад, едукација за правилното отстранување, како и за штетите предизвикани од непланското фрлање отпад. Крајната цел е да се пронајдат одржливи решенија за придонесување кон чиста животна средина. Тоа вклучува комбинација на акции за лоцирање на отпадните микро-точки, акции за чистење на околината и образовни програми за развој на свеста за позитивните практики на управување со разни видови отпад.

Една од централните активности што се планираат годинава е организација на национален ден за чистење, кој ќе се одржи на 3-ти октомври 2015 година на територијата на цела Република Македонија. Освен овие активности, се планираат и мапирачки настани за лоцирање на отпадот во природата директно во дигиталниот регистар, со што ќе се добие прегледност на постоечката ситуација на терен, како и едукативни настани за изнаоѓање начини за справување со овој предизвик во иднина на локално ниво.

Успехот на „Ајде Македонија“ во голем дел ќе зависи и од вклучувањето на широката јавност, организациите, компаните и релевантните институции, во соработка со националните и локалните власти. Вклучувањето во Ајде Македонија! нуди можност секој да придонесе кон решавање на едно од најгорливите прашања од областа на животната средина во Република Македонија.

 

Вклучи се и ти, за да објавиме „Бунт против отпадот“!

 

Асоцијација за чиста животна средина Ајде Македонија! - Скопје